Јас, Кина и македонскиот врвен интернет домен

Овој напис е оригинално објавен на IT.mk.

Пред неколку месеци решив дека сакам да си го купам мојот прв, личендомен што завршува со “.mk”. Во Македонија, примарен опслужувач за администрирање и управување со врвниот македонски домен „.mk“ е Мрежниот информационен центар на Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет). Главната идеја беше името на доменот да биде со две латинични букви. Моите иницијали.

Неколку пребарувања на сајтот на МАРнет ми открија дека голем број од домените се регистрирани од луѓе кои не се државјани на Македонија, што значи дека кој сака во светот може да регистрира домен преку некои од официјалните регистрари кои се излистани на сајтот на МАРнет. First come, first served.

Овде почнува мојата мини анализа по тоа кои сѐ и од каде ги имаатрегистрирано домените. Податоците се јавни, но МАРНет не ги сервира сите на тацна. Наједноставниот начин да се земат ваков вид на податоци е да го посетиш whois серверот на МАРнет. Whois серверите меѓудругото се намените за да овозможат лесно пребарување низ база на податоци со регистрирани домени.

Ваквите датабази во себе чуваат податоци од видот на:

  • Име и презиме на регистрантот
  • Адреса на живеење
  • Телефонски број
  • Е-пошта
  • Државен код (на регистрантот)
  • Датум на регистрација и истекување на доменот
  • Регистрар

Пред неколку години Георги Станојевски направи одлична анализа на македонскиот Интернет простор, поконкретно, анализа на „.mk“ домените, и топло препорачувам да се прочита.

Така стигнав до делот каде што знам каде да ги најдам податоците, но главниот проблем е дека морам рачно да пребарувам домен по домен, што се вкупно 676 пребарувања (26 латинични букви и две можни букви во името на доменот 26^2).

Вакви видови на проблеми обично се решаваат со пишување на програма (скрипта) која што автоматски ќе ја пребара базата, ќе ги земе податоците и ќе ги зачува за подоцна да можат да се искористат.

Скриптата којашто ја напишав и самата база на податоци можат да се најдат овде. Еве неколку интересни резултати што открија податоците:

  • Најголемиот дел регистрирани домени се од регистранти со државен код: МК.
  • Најголемиот дел од регистрираните домени од странски регистранти го имаат државниот код CN, кој е државен код на Н.Р. Кина.
  • Во останатиот дел од регистрираните домените можат да се забележат државните кодови на САД, Русија, Германија и Велика Британија.

Мојот пријател Новица Наков се нафати да направи графикони со помош на програмскиот јазик R којшто најчесто се користи за статистика и анализа на податоци.

Регистрирани домени по земја на потекло на регистрант по години

Овој графикон ги прикажува кога и со кој државен код биле регистриранидомените. Податоците покажуваат дека регистрација на МК домени од страна на регистранти со државен код CN започнала во 2015 година, каде што нашиот врвен домен и не бил толку популарен за нив, сѐ до една година подоцна, кога нагло започнува регистрирање на МК домени.

Земји од каде лица регистрирале 5 или повеќе МК домени

Уште еден интересен графикон што покажува дека Кина, која што е веднашзад нас во број на регистрирани МК домени, им бега со доста разлика наостанатите држави.

Вниманието ми остана на: зошто најголемиот дел од странски регистранти се од Кина, и што се случува со тие домени?

Податоците, кои веќе ги имам во база, ги искористив за да проверам колку од домените со државен код CN се живи, односно колку од нив покажуваат кон некаков сервер, а колку се мртви и само седат неискористени.

Резултатите се:

  • Вкупен број на домени со државен код CN: 169
  • Вкупен број на домени кои покажуваат кон некаков сервер: 42
  • Вкупен број на домени кои не покажуваат никаде: 103.
  • Вкупен број на домени кои покажуваат кон сервер, но редиректуваат или враќаат бескорисна содржина: 24

Оваа кратка анализа ми даде до знаење дека регистрираните домени содржавен код CN најчесто се мртви и најверојатно се купени за да се препродадат за повисока цена.

Исто така, доменот lh.mk (Lubeski Hristijan) искочи дека е слободен, па го купив со брзина на светлината додека не ми го „украл“ некојси Hsu Lee, или Lee Hsu. 🙂

This entry was posted in интернет and tagged , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *